
Почитувани колеги,
Во име на Здружението на микробиолозите на Македонија, имам чест и задоволство да Ве поканам на Вирусолошкиот симпозиум под наслов ”Средбата на старите и нови вируси на раскрсницата на времето”, кој ќе се одржи во периодот 17 – 19 април 2026 година во хотел Хилтон, Скопје.
Низ историјата, вирусите ги обликувале здравјето на луѓето, општествата и научниот напредок. Некои од нив ни се добро познати – стари ”познаници” кои продолжуваат да го предизвикуваат јавно здравствениот систем, додека други се нови т.е. се појавуваат за прв пат, брзо се развиваат и нè потсетуваат на динамичната природа на микробниот свет.
Симпозиумот ќе биде посветен на местото на средба на веќе познатите вирусни патогени со новоидентификуваните или повторно појавените; каде што класичната вирусологија се среќава со современите молекуларни технологии; и каде што минатите искуства ја информираат подготвеноста за иднината. Со осврт кон научените лекции и напред кон иновациите кои допрва доаѓаат, имаме за цел да го продлабочиме нашето разбирање и да го зајакнеме нашиот колективен одговор на вирусните закани.
Симпозиумот е наменет за микробиолози, како и за сите други специјалности вклучени во хуманата и ветеринарна медицина кои во својата рутинска работа секојдневно се среќаваат во вирусните инфекции. Ќе слушнеме за искуствата на истакнати експерти, ќе се вклучиме во научни дискусии и ќе размениме идеи што ги поврзуваат дисциплините – базичните и клиничките, генерациите и перспективите. Таквиот дијалог е од суштинско значење – не само за унапредување на науката, туку и за преточување на знаењето во ефикасни стратегии за превенција, дијагноза, терапија и контрола.
Со задоволство ве очекуваме.
Со почит
Проф д-р Голубинка Бошевска,
Претседател на ЗММ

