
Почитувани колеги, драги пријатели,
Со особена чест и задоволство, во име на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија и во мое лично име, Ве поканувам да земете учество на 7. Конгрес на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија, кој ќе се одржи од 25 до 27 септември 2026 година, во хотел „DoubleTree by Hilton“ во Скопје.
Овој конгрес е внимателно осмислен како платформа за размена на знаења, искуства и современи научни достигнувања, и е наменет пред сѐ за лекарите од семејна и општа медицина, како и за интернисти, пулмолози, алерголози, педијатри, дерматолози, имунолози, како и за сите други специјалности кои на кој било начин се поврзани со полето на алергологијата и клиничката имунологија.
Темите на Конгресот се внимателно избрани со цел да одговорат на актуелните предизвици во секојдневната клиничка пракса и современата медицина. Посебен акцент ќе биде ставен на вакцините и дилемите поврзани со нив, астмата, хроничната опструктивна белодробна болест, употребата на антибиотици, како и на таргетирана и имунотерапија кај малигните заболувања, со посебен фокус на белодробниот карцином, но и на други видови малигноми. Ќе бидат презентирани и најновите научни податоци за новите, неодамна лансирани вакцини во онкологијата, како и теми поврзани со ретки болести и дерматолошки состојби од интерес за нашата стручна јавност.
Искрено се надевам дека избраните теми ќе предизвикаат интерес, ќе поттикнат активни дискусии и ќе овозможат значајно стручно унапредување на сите учесници. Воедно, верувам дека покрај богатата научна програма, Конгресот ќе ни овозможи и пријатна можност за дружење, вмрежување и размена на искуства во рамките на социјалната програма.
Со нетрпение очекувам да Ве поздравам лично во Скопје и заеднички да придонесеме кон унапредување на алергологијата и клиничката имунологија во нашата земја и регионот.
Со почит,
Проф. д-р Дејан Докиќ
Претседател на Македонското здружение за
алергологија и клиничка имунологија

